Техничка служба

Хомологација

Одобрување на нови и половни возила увезени од странство.

Хомологација, односно правно-технички дефинирана како одобрување на возилото, е постапка која е опишана во Законот за возила, а разработена во поединечните Правилници за различни постапки за одобрување на возила во нашата држава.

Постојат повеќе постапки во процесот на одобрување на нови и половни возила увезени од странство:

Постапката за единечно одобрување на возило се спроведува:

  • за возило чиј што тип не е одобрен во согласност со ЕУ хармонизираните прописи, а воедно не е одобрен и на национално ниво во нашата држава;
  • во случај на повеќефазно изработување на возило за посебните фази на изработка, доколку некоја од тие фази се предмет на постапка на повеќефазно одобрување.

Во рамките на оваа постапка исто така се врши инспекција и одобрување и на возила кои го задоволуваат стандардот на САД, односно прописите на ЕПА Агенцијата на САД.

Напомена: Обврзна е проверка на возилото пред отпочнување на постапката.

Постапката за идентификација и оцена на техничката состојба на возилата се спроведува за:

  • нови и половни возила за кои типот е одобрен во согласност со хармонизираните прописи за ЕУ одобрување на тип;
  • возило за кое типот е одобрен во Република Северна Македонија, а за конкретното возило странката има обезбедено потврда за национално одобрен тип на возило издадена од застапникот на производителот во Република Северна Македонија.

Во оваа постапка се обединети две постапки: идентификација и постапка на оцена на техничката состојба на возилото. Во делот на идентификацијата се утврдува дали возилото во целост е истоветно како она за кое е доставен документ и кое е одобрено врз база на ЕУ хармонизирани прописи или врз основа на национални прописи. Делот на оцена на техничката состојба е постапка во која визуелно се проверува неговата целосност и способност за безбедно возење во сообраќајот на патиштата, односно за безбедна работа при извршувањето на земјоделски и шумски работи, како и проверка дека возилото не е преправено, односно поправано, односно не е променето во однос на матичната изведба.

Напомена: Обврзна е проверка на возилото пред отпочнување на постапката.

Идентификација е постапка во која се утврдува истоветноста на возилото и неговите основни технички податоци со помош на приложената документација и/или со проверка на податоците во регистарот на податоци на возила. Во оваа постапка се процесираат возила кои се наведени согласно член 24 од Законот за возила, и тоа:

  • Меѓународни и меѓудржавни организации — за службено користење;
  • Дипломатски и конзуларни претставништва на други држави во Република Македонија — за службено користење;
  • Дипломатски и конзуларни лица вработени во странските претставништва во Република Македонија и членовите на нивните потесни семејства — за приватно користење;
  • Странски државјани на кои им е издадено одобрение за привремен или постојан престој во Република Македонија;
  • Хуманитарни организации за извршување на нивните хуманитарни работи;
  • Возила кои пред повторното внесување во Република Македонија еднаш биле регистрирани во Република Македонија.

Увезувате возило?

Нашата техничка служба ќе ве води низ целата постапка на одобрување.